Македонската банкарска асоцијација и КаСис АД Скопје на 30 април 2026 година официјално потпишаа Меморандум за соработка, со кој започнува ново поглавје на заедничко делување во насока на развој на современ и безбеден финансиски екосистем.
Меморандумот воспоставува рамка за соработка во повеќе области од заеднички интерес, со фокус на унапредување на платежната инфраструктура, развој на дигиталните плаќања и е-трговијата, зајакнување на сајбер-безбедноста и сигурните плаќања, превенцијата од измами, како и поттикнување на дигитализацијата и иновациите во банкарскиот сектор.
Во рамки на соработката двете институции ќе работат и на активности поврзани со регулаторната и стратешката рамка, преку размена на знаења, искуства и експертиза, како и преку заедничко учество во иницијативи поврзани со законската и подзаконската регулатива.
Соработката ќе опфати и организација на едукативни настани, стручни средби и активности што ќе придонесат за следење на современите трендови и унапредување на добрите практики во финансискиот сектор. Претставниците на Македонската банкарска асоцијација и КаСис ќе одржуваат редовни состаноци со цел реализација на договорените активности и понатамошно продлабочување на партнерството.
Овој значаен чекор беше реализиран преку заедничката заложба и визија на Филомена Пљаковска Аспровска, претседателка на Управниот одбор и главна извршна директорка на КаСис АД Скопје, и Маја Стевкова Штериева, претседателка на Македонската банкарска асоцијација, потврдувајќи ја својата посветеност кон развојот на современ, сигурен и иновативен финансиски систем, во чекор со современите дигитални предизвици и потребите на пазарот.
