Признание за лидерство и визија: Филомена Пљаковска Аспровска наградена од Марили

Лидерството, визијата и посветеноста што со години оставаат силен печат во домашниот финансиски и технолошки сектор добија уште едно значајно признание. Главната извршна директорка на КаСис, Филомена Пљаковска Аспровска, е добитничка на признанието „Жена менаџер“, доделено во рамки на јубилејниот избор на најуспешни жени менаџери во организација на Агенцијата Марили.

Наградата претставува признание за нејзиното континуирано успешно работење, стратешки пристап и посветеност на развојот на КаСис како еден од носителите на дигиталната трансформација во платежниот сектор. Под нејзино лидерство, КаСис продолжува да се развива како сигурен и доверлив партнер на банките и финансиските институции во земјава и регионот, со силен фокус на безбедноста на плаќањата, финтек иновациите и современите решенија во областа на дигиталните плаќања.

При доделувањето на наградата, Пљаковска Аспровска испрати инспиративна порака до сите жени и девојки кои ја градат својата кариера, истакнувајќи дека со труд, визија и храброст успехот е достижен. Воедно, таа нагласи дека секој успех е резултат на тимска работа, доверба и заедничка посветеност, споделувајќи го ова признание со целиот тим на КаСис, кој секојдневно придонесува за растот, стабилноста и успешниот развој на компанијата.

КаСис денес процесира над три милиони трансакции месечно и претставува единствен сертифициран процесор во Македонија што процесира за Mastercard, Visa, Diners International и American Express. Компанијата континуирано инвестира во сигурност, иновации и современи решенија што придонесуваат за унапредување на дигиталните плаќања и е-трговијата.