КаСис бележи раст на добивката во 2020 и најавува нови инвестиции за дигитални технологии во 2021

Процесинг центарот Интернационален Картичен Систем АД Скопје (КаСис) реализираше забележителни резултати во 2020 година и покрај отежнатите услови за функционирање и ограничувањата што ги наметна пандемијата. Во периодот од 01.01.2020 до 31.12.2020 година КаСис оствари нето добивка за финансиската година во износ од 45.568.241 илјади денари, што е за 75% поголема од нето добивката за 2019 година.

Како развојно ориентирана компанија, фокусирана кон остварување на долгорочна соработка со Банките и финасиските компании, Интернационален Картичен Систем во 2020 година понуди професионални, континуирани услуги но и многу нови сервиси насочени кон своите клиенти во сегменти на дигитализација на сервисите.

Од КаСис велат дека успехот се должи на фактот што посветено работат на обезбедување на нови сервиси за сите финансиски чинители кои придонесуваат за зголемување на вработеноста, економски развој на земјата и раст на нивото на конкуренција.

2021 година КаСис ја започна со инвестицијата во нова производствена линија – машина за персонализација на платежни картички со автоматско пакување на картичка во коверт.

Се планираат и континуирани дополнителни хардверски и софтверски инвестиции со цел понатамошно зголемување на капацитетите и стабилноста на системите, модернизирање на платформата и развојот на нов интерфејс за комуникација со системот за електронска трговија cPay на КаСис, кој ќе овозможи полесен и побрз развој на нови функционалности, полесна и побрза интеграција на трговци и платежни институции и постигнување на подобро корисничко искуство.

„Континуирано ги следиме светските трендови за картичното работење и планираме инвестирање во нови дигитални технологии, вложуваме во унапредување на квалитетот на нашиот кадар и во секој чекор ги инкорпорираме нашите корпоративни вредности: транспарентност, култура на отворена комуникација, општествена одговорност и толеранција, високи професионални стандарди и висок степен на личен интегритет и посветеност.” – информираат од Друштвото.