Е-трговија, особено по пандемијата е важен продажен канал и обезбедувач на приходи за компаниите и значаен елемент на растот на националните економии. Поради нејзиниот висок потенцијал за зајакнување на економскиот раст, дигиталната трансформација и придобивките кои ги носи за граѓаните, економиите на Балканот во услови кога веќе се заканува рецесијата, неопходно е да посветат повеќе внимание на изнаоѓањето начини за да го искористат целосниот потенцијал за е-трговија.
Резултатите од периодот на пандемијата покажуваат каков ефект дигиталните канали може да имаат врз растот на приходите на компаниите и економските текови на државите, а веќе променетите навики на купувачите и повисокото ниво на едуцираност треба да се искористат за да се подобри пошироката економска слика на државите на Балканот.
На одржаната 5-та Конференција за е-трговија во Скопје, кратка средба остварија Филомена Пљаковска-Аспровска, главен извршен директор и претседател на Управниот одбор на КаСис АД, единствениот процесор за обработка на трансакции со платежни картички и биро за персонализација во Македонија и Здравко Илиќ, виш експерт за трговија задолжен за трговија со услуги во Секретаријатот на ЦЕФТА.
Двајцата разговараа за потребните чекори кои треба да се преземат за интеграција на пазарот и кои се’ чинители треба да бидат вклучени.
Според Здравко Илиќ, важно е да се идентификуваат клучни правила и стандарди што ќе важат за сите и со тоа ќе се создадат услови за регионална електронска трговија. Компаниите сакаат да работат на повеќе пазари без да мора да се движат низ разновидни регулаторни рамки и да губат време и пари на документација и долготрајни комплицирани царински постапки.
„Во ЦЕФТА дефиниравме три приоритетни сегменти на кои треба да се фокусираме за да ја олесниме и промовираме регионалната електронска трговија. Првиот се однесува на законите и регулативата. Според ЕУ принципот за Заеднички пазар, трговецот кој работи во согласност со законите на својот матичен пазар, може да ги продава своите производи и услуги онлајн кон сите држави членки на ЦЕФТА. Кога станува збор за пратките, повторно врз основа на ЕУ законите, имаме изградено механизми за транспарентност на цените на пратките и редовна проценка на исправноста на работењето. И третиот сегмент се однесува на царината каде се обидуваме да создадеме модел кој ќе ги олесни и забрза царинските постапки, со што тие би се завршиле уште пред пратката физички да пристигне во царинските пунктови.“ – рече Илиќ.
Филомена Пљаковска Аспровска ја истакна потребата од градење доверлива и безбедна околина која ќе ги охрабри купувачите да нарачуваат од трговци во поширокиот регион.
„Многу компании на Балканот интензивно работат на развој на е-трговијата, на некои им оди побрзо, на други поспоро, но важно е дека комуницираме, споделуваме искуства и ги адресираме предизвиците кои произлегуваат од различните законски регулативи во различните држави во регионот, како и различниот степен на едуцираност на граѓаните.
На долг рок важно е да изградиме единствен e-commerce пазар на Балканот без финансиски, логистички и законски ограничувања. Тука секако треба да се вклучат многу чинители, државите да обезбедат и да ја усогласат легислативата, транспортните и поштенски сервиси да овозможат развој на логистиката и поддршка за е-трговијата, и платежните процесори кои ќе гарантираат брзи и безбедни транскации во цел регион.
Се надевам дека луѓето наскоро ќе купуваат онлајн и ќе ги добиваат своите пратки брзо и без дополнителни трошоци било каде во регионот. Со тоа верувам дека ќе се забрза развојот на е-трговијата и генерално ќе имаат бенефит економиите на сите држави на Балканот. КаСис со своите партнери веќе работи на ширење во регионот.“ – рече Пљаковска Аспровска по средбата.
Илиќ и Пљаковска Аспровска се согласија дека иако регионот ги следи трендовите, сепак треба многу да се работи за да се достигне нивото на ЕУ земјите во кои во 2021 година 90 проценти од луѓето помеѓу 16 и 74 годишна возраст користеле интернет, а 74 проценти од нив купувале продукти или услуги онлајн. КаСис се отворени за сорботка со ЦЕФТА Секретаријатот, со сите банки сегашни и идни е-трговци и регулаторни и законодавни тела во напорите да се обезбеди брзорастечка и безбедна средина за рапиден раст и развој на е-трговијата.
трговијата.*Преземено од Извоз.мк