Дел од виртуелниот хакатон посветен на намалување на сивата економија во е-трговија како златен партнер е и КаСис АД Скопје – првиот и единствен платежен процесор во нашата земја. Со главниот извршен директор на КаСис – Филомена Пљаковска-Аспровска, разговараме за потребата од континуирана едукација кај трговците за бенефитите кои произлегуват од е-трговијата, зголемување на свесноста на купувачите, како и обезбедување на услови и поставување на предизвици за младите со цел да останат и да креираат решенија во сопствената земја.
AETM: Глобалната пандемија придонесе за брзиот раст на е-трговијата во нашата земја; од компаниите се бараше да бидат агилни, брзо да се адаптираат и да се соочат со предизвиците кои ги наложува дигитализацијата. Еден од предизвиците е зголемениот број на нерегистрираните продавачи кои продаваат преку социјалните медиуми и не ги плаќаат даноците и останатите јавни давачки. Кое е вашето мислење на оваа тема? Дали сметате дека постои доволно големо ниво на свест за сивата економија и кои следни чекори мислите дека треба да се преземат со цел да се намали нејзиниот опсег; дали можете да посочите некоја своја идеја за решавање на овој проблем?
Филомена: Факт е дека е-трговијата бележи висок раст и во поглед на број на интернет трансакциите и на вкупната остварена вредност во е-трговијата. Само во текот на пандемијата бројот на ново отворени е – продавници на глобално ниво е зголемен за 70%. Овој раст природно се пренесе и во нашата земја.
Но, зголемен е и број на нерегистрирани продавачи кои продаваат преку социјалните мрежи и освен што не ги плаќаат даноците и останатите јавни давачки, ваквите нерегистрирани продавачи дефинитивно не можат да понудат безбедна и доверлива е-трговија.
Слабостите на нерегистрираните продавачи треба постојано да се нагласуваат. Честите примери на изневерени и измамени купувачи треба да бидат обелоденувани заради зголемување на свесноста од ризиците на купување кај овие продавачи. Зголемената свесност и едукација на купувачите, и намаленото купување кај овој тип продавачи, ќе го скрати “животот” и ќе оневозможи постоењето на овие продавници. Едукацијата на купувачите, и користењето на безбедните начини на купување со еднократни лозинки и високо ниво на автентикација е правецот во кој треба да бидеме насочени.
АЕТМ: Сметате ли дека постоечката развиеност и едноставност на платежниот систем, особено во делот на е-трговијата имајќи ги предвид сите достапни можности кои ги нуди Касис и останатите два платежни процесори кои работат во областа на е-трговијата е доволен за да се ползуваат предностите на легалното работење наспроти навлегувањето во сива зона, имајќи предвид дека голем дел од продажбите онлајн се во т.н. сива зона поради комплексни процеси и големи трошоци за отпочнување со продажба онлајн?
Филомена: Моментално КаСис покрива околу 70% од македонскиот пазар во овој сегмент. Пазарното учество е показател за успешноста и доверливоста на нашите решенија за овозможување на е-трговија. Нудиме решенија, можности и капацитети кои можат да ги задоволат потребите на сите трговски субјекти. Континуирано работиме на подобрување на тековните и воведување на нови функционалности, следејќи ги барањата, потребите и зрелоста на пазарот истите да ги апсорбира.
Важно да се забележи е дека имајќи ги во предвид високо софистицираните технологии, системи и безбедносни механизми присутни во услугите кои ги нудиме со нашите банки на пазарот, трошоците за водење на онлајн бизнис се многу конкурентни регионално и глобално.
Преку континуирана соработка со нашите партнерски банки посветени сме на зголемување на ефикасноста на процесите и намалување на трошоците за отворање и водење на е-продавница. Овозможуваме промотивни периоди за интеграција на трговци со дополнително намалени трошоци. Особено во текот на минатата година направен е голем исчекор, а резултатот е континуиран раст на корисниците, односно преку 900 е-продавници кои го користат системот за е-трговија на КаСис – cPay.
АЕТМ: Вашата компанија, како платежен процесор кој опслужува вкупно три од пет банки кои ја нудат е-трговијата како услуга има огромно искуство во оваа област. Анализирајќи ги светските трендови и добрата пракса применета во други земји со кои соработувате, што е она за кое сметате дека е неопходно да се примени и на домашниот пазар со цел да влијаеме кон понатамошно намалување на атрактивноста на работењето во сивата зона, а истовремено да се влијае кон дополнителна популаризација на легалното работење?
Филомена: Ме радува што се препознаени искуството и експертизата на КаСис и нашиот континуиран придонес за подобрување на условите за е-трговија во Македонија. Вложуваме во подобрување на технологијата и воведување новитети и иновации, тимот го унапредува своето експертско знаења и работиме на едукација на населението секако во соработка со партнерските банки и останатите чинители на екосистемот, вклучително и државата.
Континуираната едукација кај трговците за придобивките од е-трговија и зголемување на свесноста на купувачите, се двата клучни аспекти на кои треба засилено да се работи.
Тука ќе ги споменам иницијативите на Асоцијацијата за е-трговија минатата година од кои и ние бевме дел, кои имаа за цел да стимулираат, и особено да едуцираат, со креирањето на платформата Ecommerce4all.
Со банките одржавме неколку настани наменети за е-трговците кои беа насочени кон едукација за зголемување на ефектите од онлајн продажба, подобрување на корисничкото искуство и одржливост на е-продавницата.
Понудивме многу нови сервиси насочени кон своите клиенти во сегменти на дигитализација на сервисите од една страна, но од друга страна овие нови сервиси придонесуваат и за зголемување на вработеноста, економски развој на земјата и раст на нивото на конкуренција. Преку развој на лојална конкуренција ќе се одговори на предизвикот за популаризација на легалното етичко работење, што од своја страна ќе придонесе за намалување на сивата економија.
АЕТМ: Оваа година се организира првиот хакатон посветен на сивата економија – „Хакирај ја сивата економија во е-трговија“ кој е поддржан од CaSys како златен партнер. Студентите кои ќе бидат дел од хакатонот ќе работат на решенија кои ќе придонесат за намалување и сузбивање на сивата економија. Кои поенти беа клучни за Касис да се одлучи да го поддржи овој хакатон?
Филомена: Ова е уште една иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија која ја поздравуваме, поддржуваме и во која активно се вклучуваме. Синергијата докажано носи добри резултати. Како Компанија сме горди што го подржуваме овој настан и секогаш сме подготвени да стимулираме иницијативи кои придонесуваат за развој на деловните процеси во вистинската насока. Според нас треба секогаш да се стремиме преку поддршка и едукација на младите да се инвестира во економијата, бизнисот, иновативноста и науката. На младите треба да им се обезбедат услови и постават предизвици за да останат тука, да создаваат за сопствената земја. Тие се двигател во сите општествени сфери и секојдневно има нови проекти и иницијативи токму од нив. Ние инвестираме во човечкиот капитал и тенденцијата ни е континуирано стручно усовршување на нашите сегашни и потенцијални идни вработени во компанијата.
АЕТМ: Како експерт кој активно се залага за унапредување на безготовинското плаќање во нашата земја, какви се вашите очекувања од овој хакатон кој ги мотивира учесниците да произлезат со креативни решенија кои адресираат реален и значаен проблем во нашата земја? Што би им препорачале на студентите во врска со решавање на предизвиците; на нивно место, кој аспект од сивата економија би го обработувале и развивале вие?
Филомена: Не се сомневам дека многу креативни решенија ќе произлезат од учесниците на овој хакатон. Препораката до нив и до сите инволвирани во сферата на е-трговијата е континуирано следење на сигурносните трендови особено сајбер трендовите и заканите кои се актуелни и кои дефинитивно треба да се контролираат. Потребни се сигурни, современи и достапни решенија, со ефективни и ефикасни капацитети за сајбер безбедност, заштита и превенција со цел јакнење на довербата, достапноста и правната сигурност.
АЕТМ: По завршувањето на хакатонот, дали CaSys ќе биде достапен и отворен за соработка со учесниците (студенти) од Економскиот Факултет – Скопје и ФИНКИ за дополнителен развој на нивните креативни решенија кои ќе произлезат од двата предизвици на хакатонот преку можност за пракса или евентуално вработување на оние студенти кои ќе ги задоволат критериумите на Вашата компанија?
Филомена: Секако, секогаш сме расположени за соработка и на сите студенти кои имаат желба за професионален развој, усовршување и учество во креативни решенија, КаСис им нуди отворени врати. КаСис е компанија каде може да се научи и усоврши суштината на електронските плаќања, што може да послужи како основа за понатамошен развој на иновации и решенија.
Менаџерскиот тим на КаСис активно е вклучен во стратешкото планирање на човечки ресурси и КаСис како компанија се стреми кон долгорочно планирање на истите. Континуираниот раст и развој на дејноста во која работиме, создава потреба од вработени кои се подготвени постојано да ги надградуваат своите вештини и знаење, и да бидат подготвени за интеграција на истите во успешни деловни решенија.