КаСис како покровител на Концерт за пијано во кој деца пијанисти приредија магична вечер изведувајќи ноктурна за Шопен

Крајот на минатиот месец (30. октомври) во  Камерната сала на Македонската филхармонија се одржа концерт за пијано насловен како Ноктурно за Шопен, кој ќе остане запаметен по неколку основи: изведувачи беа талентирани деца од музичките основни и средни училишта ширум државата, дел од нив за првпат изведуваа пред толкав аудиториум; композициите беа прекрасни ноктурна компонирани од жени-композиторки во чест на Фредерик Франсоа Шопен и инспирирани од богатото творештво во ерата на Романтизмот на овој великан; настанот ја одбележа 175-годишнината од неговата смрт, а публиката доживеа незаборавна вечер исполнета со вулкан од емоции од звуците на пијаното. Оваа магична приказна се оствари благодарение на професорката по пијано и педагог Билјана Петрова Таковска, која за 17-те композиции кои беа изведени се инспирирала од збирката „22 ноктурна за Шопен од жени композитори“ (22 Nocturnes for Chopin by Women Composers), која настанала како резултат на повик кон сите талентирани, но се уште необјавувани  жени композиторки во светот, чии дела за пијано го слават и се инспирирани од маестралниот Шопен, еден од најголемите композитори на сите времиња, наречен поет на пијаното. Централна творечка инспирација и идеал низ животот на Шопен била жената, а денес, 175 години подоцна жените-композиторки творат во негова чест, славејќи ја безвременоста на неговите дела. Талентираните деца пијанисти – нашите основци и средношколци, под менторство на нивните професори/педагози по пијано на завидно ниво на професионализам премиерно изведоа 17 дела проследени со долги аплаузи и восхит од страна на публиката. КаСис АД финансиски во целост го поддржа Концертот за пијано „Ноктурно за Шопен“, препознавајќи дека промоцијата и поддршката на млади таленти во нашата држава го поттикнува уметничкиот израз, донесува свежи перспективи и иновативност кај младите, го збогатува културниот пејсаж и негува општество кое ја цени креативноста.