СВЕТОТ ВО 2024-та: Casys постојано во чекор со глобалните трендови

„Континуирано ги следиме иновациите во платежниот сектор и креираме конкурентни решенија за зголемување на домашното и регионално пазарно учество“, меѓу другото, вели Филомена Пљаковска Аспровска, главна извршна директорка и претседателка на Управниот одбор на КаСис АД Скопје, во интервјуто за Економист: Светот во 2024-та.

КаСис АД Скопје повеќе од 22 години функционира како единствен картичен процесор во Република Северна Македонија сертифициран од страна на MasterCard, Visa и Diners International.

Во континуитет бележи успешни резултати, ја зацврстува својата позиција, го зајакнува брендот и останува докажан партнер за своите клиенти и добавувачи, не само во земјава туку и регионално.

Со главната извршна директорка и претседателка на Управниот одбор, Филомена Пљаковска Аспровска разговараме за перспективите во платежната индустрија и е-трговијата во 2024 година.

Како ја оценувате 2023 година во поглед на бизнис-климата и достигнувањата на КаСис?

ФПА: Глобално, во 2023 година растот на инфлацијата умерено забави, но и натаму е на релативно високо ниво, поради што продолжи циклусот на затегнувањето на монетарната политика од страна на централните банки. Неизвесноста поврзана со војната во Украина и натаму наметнува ризици за синџирите на снабдување и цените.

Во нашата земја, пак, во 2023 година, голема промена во финансискиот сектор беше новиот Закон за платежни услуги и платни системи, кој за банките наметнува потреба од промена на бизнис моделот во сегментот платежни услуги.

За нас, како компанија, севкупните случувања на домашно и глобално ниво придонесоа за висока работна и иновативна свест.

Годината ја завршуваме успешно, со раст во сите деловни сегменти и раст на приходите од 19,5% во однос на 2022 г.

Успешно ги обновивме сите задолжителни сертификации по стандардите PCI DSS/PIN PCI/PCI Card Production и ИСО 27000 /ИСО 20000-1.

На пазарите каде што сме присутни, КаСис има издадено преку 2.300.000 платежни картички, процесира во просек 2.500.000 трансакции месечно, нуди безбеден веб мониторинг-систем и 24/7 сервисна поддршка, а преку cPay – системот за електронска трговија се процесираат над 500.000 трансакции месечно во над 1.500 електронски продавници.

 

Почнавте со ширење во регионот, конкретно во Албанија, какви се амбициите на КаСис за ширење на регионален пазар?

ФПА: Пред сè, горди партнери сме на речиси сите македонски банки и дел од финансиските друштва, но дејствуваме и работиме и во Р. Бугарија, а во последно време амбициозно го зголемивме портфолиото на услуги и на албанскиот пазар, каде што работиме со банка и финансиско друштво.

Пазарот во Албанија нуди многу можности. Финтек-компаниите на овој пазар се иновативни и креативни, интересот за дигитални технологии, нови канали на плаќања со виртуелни картички, Google Pay, услуги за пренос на пари, токенизацијата и електронската трговија, се услуги кои КаСис може да ги понуди и да им овозможи на овие компании раст и развој на глобалниот пазар.

Системот за е-трговија cPay на КаСис е веќе докажан бренд, кој овозможува едноставна и сигурна интеграцијата и ефикасна имплементација за секоја институција која сака да функционира во сигурна и безбедна околина, бидејќи дигитализацијата, фокусот на клиентите и трошковната ефикасност остануваат стратешки определби за исполнување на мисијата и визијата на КаСис.

Континуирано ги следиме иновациите во платежниот сектор и преку нашите конкурентни решенија се стремиме кон зголемување на домашното и регионално пазарно учество.

Како гледате на брзиот развој на вештачката интелигенција и каква улога може да има во плаќањата и е-трговијата?

ФПА: Вештачката интелигенција (ВИ) веќе станува незаменлив дел од нашиот секојдневен живот револуционизирајќи различни индустрии, а е-трговијата не е исклучок.

Во последниве години, актуелно е управувањето со е-трговија со помош на ВИ поради способноста да го подобри искуството на клиентите, да ги оптимизира операциите и да ја зголеми продажбата.

Преку анализа на големиот обем на кориснички податоци, алгоритмите на ВИ можат да обезбедат персонализирани препораки, приспособени предлози за производи и насочени маркетинг-кампањи. Ова ниво на персонализација не само што го подобрува задоволството на клиентите туку и ја зголемува веројатноста за продажба и повторување на купувањата.

Дополнително, ВИ може да помогне во оптимизирање на управувањето со резервите и операциите на синџирот на снабдување и да помогне во оптимизирање на цените и имплементација на динамични стратегии за цени.  Исто така, ВИ може да игра и клучна улога во откривањето и спречувањето измами.

ВИ во е-трговијата обезбедува бројни придобивки и сигурно ќе игра сè поважна улога во обликувањето на иднината на онлајн-трговијата, сепак, од клучно значење е да се пристапи кон имплементација на вештачката интелигенција со претпазливост, да се решат етичките прашања и да се обезбеди одговорна употреба на технологијата.

Кои се предвидувањата за 2024 по однос на трендовите што ќе владеат во вашата индустрија?

ФПА: Во 2024 година, трендовите во платежната индустрија ќе ги обликуваат деловните приоритети побрзо од кога било. Со зголеменото усвојување нови начини на плаќање, како дигитални паричници, виртуелни картички, дигитални валути и биометриска автентикација, компаниите ќе треба постојано да се развиваат.

Во фокус се подобреното корисничко искуство и брзо, лесно, но безбедно плаќање.

Платниот сектор претрпува значителна промена поттикната од технолошкиот напредок, побарувачката на потрошувачите, но и регулаторните промени. Како што расте индустријата, и традиционалните финансиски институции и финтек-компаниите ќе играат клучна улога во одредувањето како ги спроведуваме трансакциите.

Приспособливоста кон овие промени, како и способноста да се развијат иновативни решенија, ќе бидат клучни за успехот.

Нашата компанија КаСис АД веќе работи во духот на глобален лидер во обезбедување на иновативни решенија, техничко технолошка поддршка и експертиза во областа на картичните технологии кои ќе им помогнат на нашите клиенти да растат и успешно да функционираат.

 

Текст: Економист – Светот во 2024-та