- Како ја оценувате 2020 од аспект на потребите и прилагодувањата што забрзаната дигитализација ги наметна во вашето работење?
КаСис во деловната 2020 година влезе со слоганот “2020 is digital. Say Hello!”. Овој слоган произлезе од стратешките определби на Менаџментот на КаСис, за ставање акцент на целосната дигитализација на процесите и пресретнување на потребите на пазарот од нови и иновативни услуги кои ќе придонесат во напорите за изградба на модерно дигитално општество.
Забрзаната дигитализација и рапидниот раст на употребата на информациско – комуникациските технологии е основен двигател на глобализацијата и дава значителен придонес во развојот на економијата, животниот стандард и благосостојбата на целото општество.
КаСис како независен картичен процесор кој нуди услуги од сите сегменти на картичната индустрија и дигиталните канали на плаќање имаше значајна улога во процесот на адаптација кон условите што ги наметна CoVid-19. пандемијата, со континуирана поддршка на развојот на електронските плаќања и новите дигитални канали за плаќање.
Во изминатиот период покрај обезбедување континуитет и непрекинатост во испораката на услугите за нашите клиенти, развиваме и нови услуги кои ќе овозможат дополнителни придобивки за нашите клиенти и нивните крајни корисници – иматели на платежни картички и трговци. Понудивме „Систем за мониторинг и превенција на ризични и сомнителни трансакции во реално време”, дополнителни услуги на АТМ терминали во насока на дигитална експозитура, новитети во комуникацијата со банките кои ќе овозможат нови функции во мобилните апликации кои ги користат нивните клиенти, најновиот протокол 3DS 2.0 за безбедни плаќања на интернет, нови картични продукти стикер и минитаг. 2020 беше турбулентна година, но во КаСис успеавме да го оствариме зацртаниот план, па и повеќе од тоа.
- Колку тимот, процесите, секојдневните обврски претрпеа промени?
КаСис како одговорна компанија во услови на пандемија на CoVid-19 континуирано превзема низа мерки со цел да ги обезбеди потребните предуслови сите постојни услуги и сервиси кон своите клиенти да продолжи да ги дава континуирано и без прекини, и истовремено да го заштити здравјето на вработените.
Менаџерскиот тим ги обезбеди сите превентивни мерки за заштита на вработените – редовна дезинфекција на просториите и работните површини, набавка на заштитни визири, панели и дезинфекциски средства, поставување на термометри на влез во секоја од работните единици, како и реорганизација на работата во смени и од дома. Тука мора да се истакне и одговорноста на вработените кои доследно одговорија на сите предизвици на новите начини и темпо на работа.
Тимот на КаСис е составен од високо квалификувани експерти и колеги со долгогодишно искуство во оваа индустрија. Човечкиот ресурс е највреден во компанијата во кој вложуваме многу и многу го цениме. Минатата година, тимот го зајакнавме со 11 нови колеги кои одлично се вклопија во динамиката на работа и технологијата со која работиме. Единствено добар и компатибилен тим може да реализира успешни проекти. Посветени сме на негување, и зајакнување на тимот во континуитет.
- Што е core business на КаСис?
Нашата компанија е независен процесор кој нуди услуги на деловни банки, финансиски институции и други заинтересирани субјекти од областа на работењето со платежни картички и електронската трговија. Нудиме услуги за персонализација на картички, обработка на трансакции од АТМ и ПОС терминали, поврзани сме со картичните мрежи MasterCard и Visa, нудиме услуги од областа на е-трговија, дежурен центар и слично. КаСис е ИТ компанија, која е сертифициран процесор од страна на Mastercard и Visa, и на своите клиенти им нуди технички решенија и имплементација на истите.
Иако можеби сме најпрепознатливи по cPay – системот за електронска трговија, сакам да истакнам дека со еднаков квалитет нудиме услуги од доменот на картичната индустрија и дигиталните канали за плаќање.
- Како ја оценувате довербата на граѓаните во електронските плаќања и купувањето онлајн?
Во услови на пандемија на CoVid-19, настанаа промени во многу сегменти од секојдневието. Многу луѓе ги направија своите први online нарачки и плаќања на производи и услуги. Во голема мера дојдоа до израз предностите и придобивките кои ги нуди електронската трговија: комоција и безбедност за порачка и плаќање на широк спектар на производи и услуги од дома – без физичко присуство, и нивна достава до домашна адреса. Корисниците на овој начин на плаќањe увидоа, во овие околности, дека онлајн плаќањата на сметки се едноставни, брзи и безбедни, наспроти досегашните искуства со чекање на шалтер и непотребно изложување на здравствен ризик.
Во услови на пандемија за голем број македонски бизниси кои мораа привремено да ги затворат своите продажни објекти е-трговијата е единствениот канал за понуда на своите производи и услуги до купувачите.
Статистиките покажуваат рапиден раст на купувањето во е-трговија. Ова се должи на условите кои ги создаде пандемијата, зголемената понуда, но и на зголемената доверба во е-трговијата кај купувачите. Радува фактот дека купувањата кај домашните електронски продавници се во поголем број во однос на странските, што во минатото не беше случај. Ова се должи на факторите кои претходно ги споменавме, но и на зголемената доверба која се стекнува со постојано информирање и едуцирање на купувачите на што да внимаваат, како да се однесуваат во виртуелниот свет односно каде да ги оставаат своите лични податоци и податоци за плаќање.
Едукацијата е континуиран процес на кој сме посветени заедно со банките, асоцијациите и сите чинители во оваа индустрија.
- Што е вашата улога во стимулацијата на развојот на електронската трговија?
Нашата улога е да обезбедиме безбедна и современа инфраструктура која на трговците ќе им овозможи брза и едноставна интеграција на нивните електронски продавници, а на купувачите безбедно место за купување и оставање на нивните податоци.
КаСис како процесор обезбедува платформа за електронска трговија, и заедно со банките ја нуди на заинтересирани субјекти кои имаат цел своите производи и услуги да ги продаваат онлајн на интернет. Системот за електронска трговија на КаСис – cPay, ги исполнува стандардите за безбедно купување на интернет со протоколот 3D Secure 1.0 и 2.0. Ова на купувачите им овозможува високо ниво на безбедност и можност за автентикација со биометриски податоци.
Системот нуди можност за брза и едноставна интеграција на електронските продавници, а со своите функционалности реализација на различни бизнис модели зависно од потребата на трговците.
Нашите заложби за подобрување на состојбите, зголемување на довербата и понудата во е-трговијата континуирано се реализираат со промотивни периоди за финансиски олеснувања заедно со банките со кои ја нудиме услугата на пазарот, засилена поддршка на трговците и клиентите преку нашите канали за комуникација, и соработки со сите чинители од индустријата. Се вклучуваме во кампањи и настани каде сметаме дека нашиот придонес ќе помогне во подобрување на сите аспекти на елктронските плаќања.
- Кои се најголемите предизвици од аспект на безбедноста на електронските плаќања?
Развојот на технологијата и нејзината се поголема примена наметна потреба од висока свесност кај сите засегнати страни и конкретни активности во насока на решавање на безбедносните предизвици на електронските плаќања: воспоставување на инфраструктура отпорна на сајбер закани; идентификување и имплементирање на соодветни решенија за заштита; промовирање на култура за информациона безбедност, со цел сеопфатно разбирање, градење и унапредување на потребните капацитети за заштита; зајакнување на капацитети за превенција, истражување и идни ризици; и соработка и размена на информации на национално и меѓународно ниво.
Системот за е-трговија на КаСис и целата инфраструктура во континуитет е во согласност со стандардите и регулативите на Mastercard, Visa, PCI DSS, ISO, ЗЛП за безбедност на податоците.
КаСис, како дел од картичната индустрија, континуирано е во тек со најновите достигнувања за унапредување на безбедноста. Континуирано сме подложни на контроли и сертификации од картичните мрежи и стандардите во индустријата заради утврдување на услогласеност со истите.
Во изминатиот период КаСис успешно го заврши проектот за имплементација на новиот стандард за безбедна е-трговија 3D Secure протокол 2.0. Новиот стандард за имателите на платежни картички овозможува зголемено ниво на безбедност преку дополнителна автентикација и дава можност воведување автентикација со биометриски податоци во блиска иднина. Основната цел на имплементирање на новиот стандард е овозможување на електронска трговија со највисоко ниво на безбедност при купувањето на интернет и истовремено обезбедување софистицирано и подобрено корисничко искуство.
- Ја стартувате 2021 со инвестиција, што ќе значи тоа за квалитетот, стабилноста и безбедноста на вашите услуги?
Новата 2021 година ја започнуваме со инвестицијата во нова производствена линија – машина за персонализација на платежни картички со дополнителни модули за персонализација на стикери и можност за автоматско пакување на картичка во коверт. Растот на бројот на персонализирани картички, како и бројот на нови клиенти, ја наметна потребата од оваа инвестиција со цел зголемување на капацитетите и квалитетот, но и обезбедување континуитет на услугата за персонализација и овозможување на услуги со додадена вредност за клиентите.
Планирани се континуирани дополнителни хардверски и софтверски надградби со цел понатамошно зголемување на капацитетите и стабилноста на системите. Би напоменале само дел од најзначајните како што е модернизирање на платформата и развојот на нов интерфејс за комуникација со системот за електронска трговија cPay на КаСис, кој ќе овозможи полесен и побрз развој на нови функционалности, полесна и побрза интеграција на трговци и платежни институции и постигнување на подобро корисничко искуство.
- Каква 2021 предвидувате?
Динамична и насочена кон визијата и стратешките определби на компанијата за дигитализација и воведување иновативни платежни услуги кои ќе не приближат до глобалните трендови. Продолжуваме по тој пат и во 2021 година, пат за кој сметаме дека е единствено исправен.
Ова ќе биде година на реанимација и оживување во сегменти на економијата кои беа силно погодени од пандемијата, а нашата компанија е постојано во чекор и подготвена да ги потпомогне овие процеси. Воведувањето електронски канали за плаќање е несомнено најбрз и најефикасен начин за контакт со тековните и потенцијални купувачи, освојување нови пазари и наплата на обврските.
Ова ќе биде и година на инвестиции за одржување на безбедноста на инфраструктурата, подобрување на капацитетите и воведување нови и современи решенија за клиентите.